ЕКИПА во Виена,
Стеван Цаневски
Македонија е елиминирана од ЕП 2020 откако нашите ракометари вечерва тотално потфрлија на натпреварот со Австрија, губејќи со 32-28 за крај на настапот во групата Б во „Штадхале“ во Виена. Австријците не одиграа супериорно, но покажаа спортска мудрост, максимално казнувајќи ја секоја наша грешка во текот на натпреварот. Македонија делуваше почетнички и заслужено се пакува за дома, па останува да се види само дали може да се извлече поука од денешното фијаско. Во голем дел од средбата водството на домаќините се движеше околу десет гола, а добрата завршница послужи само за „шминка“ на тоталното фијаско чии сведоци бевме на оваа средба.
Австрија тргна фуриозно, поведе со 4-1, а се што успеа да направи Македонија на натпреварот беше израмнувањето на 4-4. При овој резултат Лазаров не искористи напад за водство, по што домаќините повторно целосно ја презедоа контролата. Се повторија старите болки со реализација на нападите со играч повеќе, Кузмановски промаши два зицери, а кога на негово место влезе Танкоски кризата уште повеќе се продлабочи, по неколкуте загубени топки во серија на бекот на Металург. Австријците одиграа нешто поагресивно во одбраната на Лазаров, го исфрлија од ритам македонскиот капитен, по што лесно го контролираа резултатот. Брестовац немаше план Б, па првиот тајмаут во тоталната немоќ на Македонија го зеде дури откако се најдовме во негатива од 16-10. Австрија имаше и најубедливи 18-10 во првиот дел, но со головите на Талески и на Манасков на одмор се замина со „минус шест“ (18-12).
Фијаското продолжи и во второто полувреме. Ристовски застана на голот, но без поериозен ефект, Австрија за шест минути го дотолчи нашиот национален тим и поведе со преубедливи 11 гола разлика, пред Брестовац да се разбуди и да земе тајмаут при водство на противникот од 24-13. Немоќта беше премногу очигледна, направени беа неколку промени, но капитулацијата беше неизбежна. Разликата се движеше околу десет гола, дури во последните пет минути Македонија влезе во серија, на крајот спуштајќи ја разликата на „минус четири“ и конечни 32-28.
Со една минимална победа над Украина и два порази од Чешка и Австрија, во групата што дефинитивно е најлесна од шесте на овој европски шампионат, елиминацијата е апсолутно заслужена, но и алармантна за патот по кој македонскиот ракомет се движи во последните години.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА