Дебакл за едно полувреме против Русија (9-19)

Македонија одигра уште едно катастрофално полувреме на СП 2021 во Египет, губејќи со убедливи 9-19 по триесет минути игра на дуелот со Русија. Надежите дека по добрите први 20 минути со Словенија би можеле слично издание да покажаме и против Русите експресно исчезнаа, избраниците на Брестовац играат катастрофално, сите тактички замисли на селекторот се прочитани од Петковиќ на спротивната страна, па Русија за дваесетина минути игра си ја осигура победата на овој натпревар.

Средбата ја почнавме катастрофално, па по само 150 секунди игра резултатот веќе гласеше 0-3 за Русија. За среќа, Митревски влезе во ритам во серија интервенции и не дозволи негативата да се зголеми, за Кузмановски во шестата минута да го постигне првиот гол за нашиот национален тим на овој натпревар. Наместо будење, следеше нова „црна дупка“ во нашата игра, не искористивме две минути со играч повеќе, во серија промашувања влезе и капитенот Лазаров, па во 12. минута Русија веќе имаше водство од 1-7.

Стоилот ја прекина серијата на Русија, но немоќта во нападот беше огромна, Серафимов влезе во игра на местото на Лазаров, но ништо не се промени, а по лесниот гол од контранапад за 3-10 македонскиот селектор конечно го побара првиот тајмаут. Кузмановски беше единствениот што прикажа барем нешто во офанзива, постигнувајќи го третиот гол од исто толку обиди (4-10). Брестовац при 7-14 го уфрли и Томовски на местото на Митревски (имаше солидни пет одбрани во првите 22 минути). Русија во 28. минута стигна и до првата двоцифрена предност на мечот (8-18), а полувремето заврши со преубедливи 9-19 за противникот.

Веќе е јасно дека Македонија ќе претрпи нов пораз на овој светски шампионат, а останува избраниците на Брестовац да се обидат во преостанатите 30 минути да се обидат да го попрват впечатокот по катастрофалното прво полувреме.

Се вчитува...