Дебакл за Мерцедес – Ферстапен ја освои Австрија, Фетел е нов лидер во генералниот пласман

Возачот на Ред Бул, Макс Ферстапен триумфираше на трката од Ф1 за Големата награда на Австрија искористувајќи го дебаклот на Мерцедес, и откажувањето на двајцата нивни возачи Валтери Ботас и Луис Хамилтон. Нов лидер во Ф1 по денешната трка е Себастијан Фетел.

Валтери Ботас од Мерцедес стартуваше од пол-позицијата на трката но мораше да се откаже по само 14 круга од трката откако му се расипа менувачот. Дебаклот на Марцедес беше заокружен во 64-от круг кога и Луис Хамилтон поради проблеми со болидот мораше да застане на патеката.

Сето тоа го искористи Ферстапен за триумф иако почна од четвртата стартна позиција. За Холанѓанецот ова е четврта победа во кариерата, пред двата возачи на Ферари, Кими Раиконен кој заврши на второто место и Фетел како третопласиран. Третата позиција на Фетел му ја донесе и првата во генерален пласман.

За Ред Бул, пак, ова е прва победа во историјата на домашен терен во Шпилберг.

Се вчитува...