Лучијано Спалети е новиот селектор на репрезентацијата на Италија, откако официјално постигна договор со Италијанската фудбалска федерација, пренесува „Газета дело спорт“.
Спалети ќе потпише тригодишен договор, а неговата официјална промоција се очекува да биде во текот на утрешниот ден. Првата конференција за медиумите поранешниот тренер на Наполи ќе ја одржи во понеделник.
Спалети минатава сезона со Наполи ја освои шампионската титула во Италија, па неочекувано се повлече од клупата на „наполитанците“. Проблем со преземањето на селекторското место настана поради клаузулата да мора да плати на Наполи три милиони евра во случај да преземе нова тренерска функција до јуни 2024 година. Но, сега и тој проблем е решен, а Италијанската федерација ќе ги исплати тие три милиони евра на Наполи.
Италија на чело со Роберто Манчини во 2021 година го освои Европското првенство, но пропушти два едноподруго настапи на светски првенства. Во баражот за СП 2022 загуби во полуфиналето од Македонија во Палермо со 0-1.
Токму, дебито на клупата на италијанската селекција Спалети сега се очекува да го има против Македонија на 9. септември во Скопје во квалификациите за ЕВРО 2024.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА