Дефо со последен поздрав до Бредли: Твојата храброст цел живот ќе ми биде инспирација

Англиската спортска јавност синоќа со огромна тага ја прими веста за смртта на Бредли Лаури, шестгодишното дете кое ја загуби битката со тешката болест.

Лаури се најде во фокусот на јавноста откако стана близок пријател на Џермејн Дефо, па искусниот голгетер сосема очекувано беше и најпогоден од смртта на шестгодишното дете. Тој денеска преку емотивна порака на својот инстаграм профил се прости од големиот пријател, пишувајќи:

„Збогум, мој пријателе, многу ќе ми недостигаш. Се чувствувам благословен што Бог те донесе во мојот живот и што минавме прекрасни моменти, за што сум ти благодаран. Никогаш нема да заборавам како ме гледаше првиот пат кога се запознавме, таа вистинска љубов во тие слатки очи. Тешко ми е да најдам зборови да ти опишам што ми значеше… начинот на кој го изговараше моето име, тие мали насмевки на „суперстар“ на твоето лице кога ќе се појавеа камерите и љубовта што ја чувствував додека бев со тебе. Твојата храброт ќе ме инспирира до крајот на животот. Никогаш нема да дознаеш како ме промени како личност, засекогаш ќе те носам во срцето. Убаво спиј, мој најдобар пријателе“.

Се вчитува...