Дејан Георгиевски: Иако европски шампион, од бирократски причини не бев во изборот за „Спортист на годината“!

Како по обичај секоја година изборот за „Спортист на годината“ во организација на АМС и ССМ постојано ја разбранува домашната спортска јавност. И секоја година иако очекуваме конечно позитивни промени околу начинот на избор, само дополнително буди серија прашања околу издржаноста на истиот.

Веднаш по прогласувањето на најдобрите Берат Јакупи отворено го истакна својот револт од Изборот, но вистинскиот апсурд на целокупната манифестација е изоставањето на таеквондистот Дејан Георгиевски од листата на предложени за „Спортист на годината“.

Георгиевски оваа година беше единствениот македонски спортист со освоено европско злато во сениорска конкуренција во олимписки спорт. Македонија, по којзнае колку години пауза добива европски шампион во олимписки спорт, но и тоа е „малку“ да се најдете во официјалниот избор. Дејан стигна до титулата европски шампион во таеквондо на ЕП во Софија, но за негова несреќа шампионатот се одржал само шест дена подоцна од крајниот рок на АМС за пријавување на кандидатите. За верување или не, голата бирократија го „исфрли“ од трка во изборот за најдобрите на годината. Па, Дејан за 2017 година остана без можност да се бори за признанието, а за следната 2018 ќе биде повторно без можност, затоа што веќе не е во актуелната календарска година. И за утеха, доби измислена „Специјална награда за ОСОБЕН ПРИДОНЕС“!!?

Но, Георгиевски, како што вели за ЕКИПА, веќе се чувствува како „Спортист на Македонија за 2017“, и доволно му е што сите спортски стручни лица од државата потенцираат дека без конкуренција мораше да се закити со признанието човекот кој е наш кандидат за медал и на Олимписките игри во Токио.

„Од страна на Агенцијата за спорт и млади ми беше кажано дека не сум ставен во официјалниот избор за Спортист на годината поради тоа што се земале во предвид само резултатите постигнати до 4. декември 2017 година до кога траел повикот за избор од АМС, а јас станав европски шампион на 10. декември. Значи, ми беше посочено дека поради бирократски процедури не влегувам во конкуренција за Спортист на годината. Сепак, и без тоа, јас сум свесен за мојот резултат и знам дека е единственото европско злато во олимписки спорт. Тоа што не бев официјално Спортист на годината не значи и дека не сум и не се чувствувам како Спортист на годината. Сите стручни лица од спортот веќе ми честитаат потенцирајќи дека јас сум единствениот Спортист на годината за 2017, и од тоа нема бегање. Вистината кога тогаш испливува на површина. Јас сум и ќе останам европски шампион и засекогаш ќе бидам запишан во историјата на независна Македонија како освојувач на првиот златен медал од Европско првенство во олимписки спорт“ – вели Георгиевски за ЕКИПА.

ep vo taekvondo - Dejan Georgievski

Георгиевски дополнува дека сите овие случувања околу изборот за Спортист на годината несомнено го разочарале, но сето тоа и не го обесхрабрува да продолжи на патот кон успехот, верувајќи дека во иднина може да донесе уште поголеми успеси за македонскиот спорт, посебно на Олимписките игри во Токио 2020.

„Како и да е, очекувам голема поддршка од Агенцијата за млади и спорт во иднина затоа што јас се борам под македонското знаме и за мојата Македонија. И, сигурен сум дека овој историски резултат од оваа година е само почеток за мене!“ – истакнува Дејан Георгиевски.

Се вчитува...