Дејан Ѓорѓиевски на прием во АМС: Со скршена нога освои бронзен медал на Европско првенство

Македонскиот јунак, борец со големо срце, нашата надеж за следните олимписки игри, најдобриот тaеквондо борец Дејан Ѓорѓиевски го освои историскиот медал на едно Европско првенство. Местото на случување е Софија, Република Бугарија, Европско првенство за јуниори и помлади сениори. Македонија настапи со осум натпреварувачи, од кои седум се клизнаа уште во првото коло. Остана надежта во нашиот најдобар борец, кој со само 17 години им пркосеше на постарите и далеку поискусни борци. И се ќе беше поинаку, ако уште во првата борба Дејан не осетеше болка во стопалото, за која подоцна се откри дека е ни помалку, ни повеќе туку фрактура на коска на стопалото. Желбата за победа не го спречи да триумфира и во наредната борба, а решавачката борба за финале ја изгуби за само еден поен.

„Моите очекувања беа злато од ЕП во Софија, но повредaта ме спречи во тоа. Останува желбата за побрзо санирање на истата и враќање на терените уште на престижниот Г-1 турнир на почетокот на јуни годинава, и секако настап од кој најмногу очекувам е Светското Првенство во Ј. Кореја, во втората половина на јуни“, истакна Ѓорѓиевски.

tekvondo 2

Селекторот Дарко Костовски се заблагодари на поддршката од Агенцијата за млади и спорт.

„Огромна благодарност до Агенцијата за млади и спорт и директорот Марјан Спасеки за огромната поддршка која се дава на Таеквондо федерацијата на Македонија. Ние ќе се обидеме да го оправдаме секое вложување првенствено со остварување на добри резултати на континенталните собири и секако да успееме да избориме настап на Олимписките игри во Токио, за што верувам дека имаме вистински шанси. Во моментов имаме потенцијал, има желба“, изјави селекторот на македонскиот тим, Дарко Костовски.

Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Марјан Спасески, истакна дека и во иднина ќе ја поддржува работата на Таеквондо федерацијата на Македонија.

„Агенцијата за млади и спорт во континуитет ја поддржува Таеквондо федерацијата на Македонија на која само по првата распределба од сретствата од игри на среќа доби 1 800 000 денари за меѓународни натпревари, соработка, стручно усовршување и унапредување и 50 000 денари за проектот “Таеквондо за сите”. Честитки за Дејан за неговиот спортски дух и одличниот бронзен медал остварен во нетипични услови, но и до целокупниот македонски тим на чело со селекторот Костовски“, истакна Спасески.

Се вчитува...