Дејан Манасков меѓу десетте ракометни асови што ќе го гледаат ЕП од дома

Европското првенство што почнува утре во Унгарија и во Словачка ќе биде можност да се видат на дело голем дел од најдобрите ракометари на „стариот континент“, но има такви кои од најразлични причини нема да се појават во дресовите на своите национални селекции.

Тешка повреда на коленото е причината поради која Дејан Манасков не се најде на списокот на Кире Лазаров, па македонскиот ас ќе го пропушти второто големо натпреварување во низа, откако не беше дел ниту од СП во Египет.

Алекс Душебајев самиот побара да биде изоставен од списокот на Шпанија за да може да одмори по пренапорната 2021 година и да се опорави од повредата на рамото што го мачи подолго време.

Проблеми има и францускиот селектор Жил, кому од неколкуте отсутни ракометари најмногу ќе му недостигаат Ремили и Лука Карабатиќ.

Норвешка ќе биде без помошта на десниот бек Магнус Ред, „бомбардерот“ на Фленсбург кој поради повреда на коленото ќе го пропушти ова големо натпреварување.

Србија ќе мора да се снаоѓа без својот најдобар ракометар, откако Петар Ненадиќ заработи тешка повреда и нема да може да настапи за националниот тим во групата во Сегедин, против Хрватска,  Франција и Украина.

Игор Карачиќ беше стандарден во хрватската репрезентација на последните големи натпреварување, но поранешниот „вардарец“ овојпат самиот побара да биде оставен како „резерва“ на „коцкестите“. Од коронавирус се заразија и Дувњак и Циндриќ, но Карачиќ не беше дополнително повикан, јасен знак дека асот на Киелце овој шампионат ќе го следи пред ТВ.

„Осакатени“ за ова ЕП ќе бидат и Германците. Ќе им недостигаат шестмина стандардни првотимци, на позицијата пивот ќе го немаат Колбахер, додека бековскиот дел од тимот ќе биде ослабен со неиграњето на плејмејкерот на Фуксе Берлин, Пол Друкс.

Без значаен адут ќе биде и Белорусија, откако оваа селекција остана без помошта на пивотот на Киелце, Каралек, кој заработи незгодна повреда на скочниот зглоб и ќе мора да го пропушти овој европски шампионат.

Се вчитува...