Кикбокс Маитаи федерацијата на Македонија (КМФМ) ќе биде домаќин и организатор на ВАКО Европското првенство во кикбокс за сениори, ветерани и параспортисти, кое ќе се одржи од 6 до 15 ноември 2026 година во Скопје, во Спортскиот центар „Јане Сандански“.
Станува збор за еден од најзначајните меѓународни кикбокс настани во Европа, кој ќе го претвори Скопје во центар на европскиот кикбокс и ќе ги собере најдобрите натпреварувачи од европските земји. На првенството се пријавени 1.025 натпреварувачи со вкупно 1.191 натпреварувачки влез од 41 европска држава, што претставува потврда за големиот интерес и значењето на овој спортски настан.
Особено значајно е што Македонија ќе има можност да биде домаќин на ваков голем европски спортски собир, со што дополнително се афирмираат нашата држава, македонскиот спорт и организациските капацитети на Кикбокс Маитаи федерацијата на Македонија на меѓународната спортска сцена.
Македонската репрезентација ќе настапи со 33 натпреварувачи во вкупно 34 натпреварувачки влезови, кои ќе ја претставуваат државата во различни дисциплини и натпреварувачки категории.
„Организацијата на ова Европско првенство претставува големо признание за досегашната работа на Кикбокс Маитаи федерацијата на Македонија, но истовремено и голема одговорност и можност за понатамошно унапредување и промоција на кикбокс спортот во нашата држава. Очекуваме Скопје во овие десет дена да биде домаќин на врвни европски спортисти, спортски делегации, тренери, судии и претставници на меѓународните спортски организации, со што ќе се испрати силна порака за спортско единство, фер-плеј, инклузија и меѓународна соработка“ – вели првиот човек на КМФМ, Дејан Митровски – Урко, притоа дополнувајќи:

„Нашата репрезентација е подготвена и со посебна мотивација го очекува настапот на ова Европско првенство. Фактот што ќе се натпреваруваме на домашен терен и што Македонија е домаќин на еден ваков голем спортски настан претставува дополнителен мотив за сите наши натпреварувачи. Подготовките се наоѓаат во финална фаза, а и натпреварувачите и тренерскиот тим вложија максимални напори за што подобра физичка, техничка и психолошка подготвеност. Верувам дека секој од нашите репрезентативци ќе го даде својот максимум, ќе се бори достоинствено и ќе ја претставува Македонија со гордост. Нашата цел е да оствариме квалитетни борби и да се бориме за највисок пласман во секоја категорија. Пред сè посакувам сите делегации и репрезентации безбедно да пристигнат во Македонија и првенството да помине во најдобар ред, со фер-плеј и без повреди. Посакуваме да имаме среќа при ждрепката, но најважно е нашите натпреварувачи да го дадат својот максимум и да ги оправдаат очекувањата. Нашата спортска цел е освојување најмалку четири медали, а веруваме дека со посветеноста, квалитетот и мотивираноста на нашиот тим можеме да го оствариме тоа. Паралелно со подготовките на репрезентацијата и организацијата е во завршна фаза на реализација. Сакаме сите 41 држава учесничка да се чувствуваат добредојдени и да понесат позитивни впечатоци од Македонија. За нас ова не е само спортско натпреварување, туку и можност да покажеме дека Македонија има капацитет успешно да организира настани од највисоко европско ниво“, истакнува претседателот Митровски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
