Македонската ракометна репрезентација се подготвува за стартот на квалификациите за ЕП 2028.
Првиот предизвик е Луксембург, против кого Македонија ќе ја бара првата победа во квалификациите за Европското првенство. Следува и дуелот со Грција, а двата натпревари ќе бидат важна подготовка за Светското првенство во Германија.
Капитенот Филип Кузмановски е убеден дека, и покрај краткото време, националниот тим е максимално подготвен да оди на две победи.
„Мислам дека Македонија изминатиов период покажа еден континуитет на големите натпреварувања, и сакаме да го продолжиме тоа. И, искрено мислам дека напредуваме од првенство на првенство, се создаде една нова генерација, позрели сме, поискусни и нормално дека посакуваме сега да обезбедиме уште едно учество на европско првенство“ – вели Кузмановски.
Против Луксембург имаме досега шест победи во исто толку натпревари…
„Тоа е статистика, но ние не сакаме да потценуваме ниту еден противник. Максимално сме подготвени и знаеме дека не очекува еден интересен натпревар, и сакаме во една убава атмосфера и со позитивен резултат, некој начин, да се подготвиме за дуелот со Грција“ – истакнува македонскиот капитен.
А, дуелот следи во недела (8 ноември) на гостински терен…
„Имаме доволно материјал за Грците. Добро ги проучивме. Покажаа изминатите квалификации неколку добри игри, посебно онаа против Холандија. Ќе имаме тежок натпревар на гостински терен, но доволно сме искусни, максимално подготвени да одиграме на наше ниво, и без разлика кој противник е на спротивната страна, да одиме на победа“ – вели Филип Кузмановски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
