Рејчел Апа, 24-годишна Американка и поранешна колеџ атлетичарка, почина откако се онесвести за време на маратонот во Њујорк изминатиов викенд. Апа учествуваше на својот прв маратон при што се срушила во Централ парк, на само 3,2 километри пред целта. И покрај обидите за реанимација и неколкучасовната борба од страна на лекарите, таа почина во болница.
Апа беше поранешна хокеарка на трева на Универзитетот Бакнел во САД. Се подготвуваше за маратонот со месеци и го посвети настапот на својот починат дедо, кој страдаше од Паркинсонова болест. Трчаше за да собере пари за истражување и лекување на болеста.
Му испраќала загрижувачки пораки на својот татко за време на трката
Според нејзиниот татко Стив Апа, Рејчел почнала да чувствува болка за време на трката. Нејзината мајка, Мишел, ја следела по патеката и ја снимала како се смее додека се приближувала до 14-та милја, или 22,5 километри. Тогаш немало знаци на трагедија.
Нејзиниот татко го следел нејзиниот напредок преку апликација за следење на натпреварувачи. На 18-та милја, или околу 29 километри, таа му испратила порака: „Ау“. Километар и пол подоцна, следело уште еднаш: „Ау, ау“.
Стив продолжи да ја охрабрува, предупредувајќи ја да не го забрзува темпото. Кога се приближи до последните километри, и напишал
„Немој до максимум. Важно е да се заврши, а не да се брза“.
Сепак, Рејчел набргу потоа се струполила на патеката. Нејзиното движење запрело околу 24-та милја, на нешто повеќе од три километри до крајот.
Лекарите се обидувале да ја спасат со часови
Рејчел се струполи околу 13:30 часот по локално време. Михаела Николас, социјална работничка во болницата која го гледаше маратонот како гледач, беше меѓу првите што и пришле да и помогнат. Откако беше утврдено дека Рејчел нема пулс, двајца лекари кои исто така беа во публиката започнаа со кардиопулмонална реанимација.
Медицинскиот персонал на маратонот наскоро пристигна и употреби дефибрилатор. Потоа Рејчел беше однесена со брза помош во болницата „Маунт Синај“.
Нејзината мајка, која планираше да ја пречека на целта, забележа дека локацијата на нејзината ќерка повеќе не се менува. Таа се упати кон местото на несреќата и пристигна додека лекарите ја транспортираа во болницата. И покрај најдобрите напори на лекарите, Рејчел беше прогласена за мртва во 21:40 часот, повеќе од осум часа откако се онесвести.
Таткото откри од што починала
Стив Апа изјави за „Њујорк тајмс“ дека неговата ќерка починала од рабдомиолиза, сериозна состојба која се карактеризира со брзо распаѓање на мускулното ткиво. Притоа, во крвотокот се ослободуваат супстанции кои можат да ги оштетат бубрезите и да предизвикаат други опасни по живот компликации.
Рабдомиолиза може да се појави како резултат на екстремно интензивен физички напор, но и од други причини. Официјалната причина за смртта на Рејчел Ејп сè уште не е потврдена. Канцеларијата на судскиот испитувач во Њујорк објави дека спроведува истрага.
„Не можеме да веруваме. Таа беше целосно здрава, во совршена форма, имаше само 24 години“, рече нејзиниот татко.
Маратонот во Њујорк бил нејзин прв настап на таа дистанца. Таа учествувала во хуманитарната иницијатива „Паркинсови шампиони“, собирајќи донации во спомен на нејзиниот дедо кој починал од Паркинсонова болест во 2022 година.
„Мојот дедо беше мој пример додека растев. Ме научи да бидам активна, да ги поместувам сопствените граници и да прифаќам предизвици. Така ја обликуваше мојата љубов кон спортот и движењето“, напиша Рејчел на страницата за нејзината хуманитарна акција.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
