Хадерсфилд за првпат во својата историја ќе настапува во Премиер-лигата, овој тим последен пат бил дел од англиското елитно друштво во 1972 година, а нема никаков сомнеж дека за овој успех најзаслужен е стратегот Дејвид Вагнер. Германскиот стручњак пристигна во Хадерсфилд во текот на минатата сезона, успевајќи да обезбеди опстанок освојувајќи ја 19. позиција на табелата. Иако не беа доведени звучни засилувања, тој работеше напорно, го извлече максимумот од своите избраници и по денешниот триумф на Ридинг со право го славеше огромниот успех.
„Ова е бајка, сега треба да уживаме. Многумина мислеа дека ќе испаднеме, бевме отпишани, кон средината на сезоната почнаа да ни обрнуваат внимание, а видете каде сме сега… Игравме одличен фудбал, бевме храбри, се надминавме себе си и обезбедиме нешто незамисливо – пласман во Премиер-лигата. Во плејофот моите играчи влегоа како херои, сега се легенди, имиња кои ќе останат запишани во историјата на овој клуб“ – со гордост изјави Вагнер по победата.
Германскиот стручњак важи за најдобар пријател на менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп. Вагнер беше тренер на вториот тим на Борусија додека Клоп го водеше првиот тим на „милионерите“, а кога Јирген доби понуда од Ливерпул, тој сакаше да го земе својот пријател со себе на „Енфилд“. Само што токму во тој период Вагнер преговараше со Хадерсфилд, па двајцата другари во ист период пристигнаа од Германија во Англија.
„Советите на Јирген секогаш ми се добредојдени, но не зборувавме премногу во пресрет на овој бараж меч. Бев максимално фокусиран на она што треба да го сториме, фудбалерите ја одработеа беспрекорно задачата и сега можеме да славиме“ – истакнува Вагнер.
Овој клуб досега имаше буџет од помалку од 12 милиони фунти, но јасно е дека Германецот сега ќе има многу повеќе пари за трошење.
„Не размислувам за клубовите кои претходно влегувале на ваков начин во Премиер-лигата и нивните искуства во првите сезони. Најважно од се е да не гледаме во другите, туку да создадеме сопствен идентитет и стил на игра. Таквиот пристап ни даде успех во Чемпионшип, не гледам зошто не би било случај и во Премиер-лигата“ – полн е со оптимизам гледајќи кон иднината Дејвид Вагнер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА