Дејвис: Не ми беше тешко да донесам одлука за потпис со Еурофарм Пелистер…, градот сака титула, сакам и јас

Вилсон Дејвис, замената за Јосип Периќ во Еурофарм Пелистер денеска беше официјално претставен пред верните навивачи на битолскиот клуб. Искусниот португалски среден бек во Битола доаѓа со шест шампионски титули со Порто и трофеј со Нант во Франција и ќе биде најтрофеен играч меѓу „зелено-белите“ во новата сезона.

Очекувата за Португалецот се големи, тој треба да биде еден од клучните играчи во походот кон враќање на трофејот во витрините на битолскиот тим, а Дејвис вели дека е подготвен за предизвикот.

„Шансата да дојдам тука ми ја понуди мојот менаџер кој ми кажуваше за идејата на клубот да конструира силен тим за да ги освои домашните титули. Тоа ме заинтересира многу и не беше тешко да се одлучам да потпишам за овој клуб. За мене е задоволство и голем предизвик што сум во Еурофарм Пелистер. Клубот има големи амбиции, сака да освојува титули, да биде градот среќен, бидејќи 18 години е без титула. Веќе нестрпливо сакам да играм и да освојувам трофеи пред нашите навивачи“, вели Дејвис.

„Немав можност многу да го видам градот, но кога излегов воочив дека луѓето ме препознаваат, го знаат ракометот. На пример пред некој ден ми пријде еден човек и ми рече: „Оваа година ја сакаме титулата“. Ќе работиме како овој човек и сите навивачи да ги задоволиме. Спремен сум на тој притисок, веќе ми кажуваа за Битола и би била голема радост да ја донесеме титулата во градот. Играв во Порто и можам да ви кажам дека ривалството со екипите од Лисабон, посебно со Бенфика, е големо. Ова ривалство меѓу Еурофарм Пелистер и Вардар 1961 може да се споредува со тоа. Го видов тоа и од видео снимките од минатата сезона“

Дејвис говореше и за ростерот и новиот тренер, а како што вели првите импресии се одлични.

„Имаме искусна екипа и млади момци, но генерално многу квалитет има во оваа група. Добивме скандинавски тренер, со свои идеи за атрактивен ракомет. Се трча многу и се бара многу напади, но и силна одбрана, каква што е неопходна. Првите импресии ми се одлични, сите напорно работат и градиме нешто за да биде подобро“

Се вчитува...