Дел Потро: Мојата кариера сè уште не е завршена, сакам да одам во Токио

Поранешниот шампион на УС Опен, Хуан Мартин дел Потро, сè уште не сака да ја заврши кариерата и се надева дека ќе учествува на Олимписките игри во Токио. Дел Потро го скрши коленото за време на Мастерсот во Шангај во 2018 година. Во меѓувреме, тој се врати на теренот, но повторно се повреди.

Аргентинецот го одигра својот последен натпревар во Квинс во 2019 година. После тоа, тој мораше да се оперира уште три пати.

„По сето она што го доживеав, имам амбиција да играм повторно. Често ми велат да престанам да страдам и да уживам во животот, но јас сакам да ја свртам ситуацијата“, рече Делпо.

Аргентинецот се надева дека ќе може да игра на Олимписките игри во Токио.

„Ова може да биде моја година. Олимписките игри ме мотивираат. Се разбира, моето колено ми прави големи проблеми, но сè уште не можам и не сакам да ја завршам оваа приказна од мојата кариера. Чувствувам дека можам да направам нешто повеќе, ќе продолжам да работам напорно“, изјави Хуан.

Поранешниот трет тенисер во светот признава дека има моменти кога се сомнева во неговото враќање.

„Понекогаш навистина сакам да се вратам, а понекогаш ми е тешко да го замислам сето тоа. Но, нешто во мене ме тера да продолжам да се борам. Сакам да ја завршам кариерата кога ќе почувствувам дека треба, не поради повреди,“ потенцираше тенисерот.

Дел Потро истакна дека враќањето на Роџер Федерер е голема инспирација за него.

„Она што го прави Роџер е неверојатно, го земам за пример кој треба да го следам. Мојот случај е потежок, но мило ми е што има позитивни примери како Федерер, тој е мојата инспирација“, заклучи Дел Потро.

Се вчитува...