Делонте Вест од НБА-ѕвезда до бездомник: Болест, па лош „трач“ за Леброн

Делонте Вест чекореше по патот да стане нова ѕвезда на НБА-лигата, но никогаш не ги достигна височините до кои се предвидуваше дека може да стигне. Сепак, дното го достигна денеска откако беше објавено видео како овој поранешен НБА-играч беше претепан откако имал неуспешен обид за самоубиство, фрлајќи се пред автомобил. Логично е да се постави прашањето што се случи со Делонте, првиот плејмејкер на Кливленд предводен од Леброн. Како стигна од дното до врвот и повторно падна долу.

Вест се бореше со демони сиот свој живот. Роден е во сиромашно семејство и од мали нозе си зацрта план – да успее преку кошарката да стигне до богатство и удобен живот. Успеа во тоа, но на потешкиот начин увиде дека не е се во парите.

На само 14 години се обиде да си го одземе животот, откако во првата година од средното училиште заработи тешка повреда и мораше да паузира цела сезона. Водеше долга борба со депресијата како болест, заврши во болница, а религијата му помогна барем за момент да го реши проблемот. Сепак, не успеа во тоа на долги патеки.

Во универзитетската кариера беше извонреден, настапуваше крај Џамир Нелсон за Сент Џозег, тим со кој стигна до перфектен скор 27-0 во регуларниот дел од сезоната. На НБА-драфтот беше избран како 24. пик во 2004 година од Бостон, по што се пресели во Кливленд. Во тој период се појави и лош „трач“ за него, дека Вест е во врска со мајката на Леброн Џејмс и дека поради тоа „кралот“ прикажува слаби игри. Двајцата кошаркари ги демантираа гласините, но остана приказната во јавноста во која веруваа голем дел од фановите на Кливленд.

Тоа беше почетокот на крајот на Делонте Вест, кој нешто подоцна беше трејдуван од Кливленд, а потоа и заврши во затвор откако полицијата при една контрола нашла три пушки во негова сопственост, една „складирана“ во кутија за гитара. Следеа бројни казни, парични загуби, па иако заработи 16,5 милиони долари низ кариерата, Вест беше принуден да прогласи банкрот.

Се вработи во продавница за мебел и тоа беше последно што се знаеше за него, до денешното видео кое јасно покажува дека овој поранешен кошаркар го допрел дното.

Се вчитува...