Дембеле е трагичарка – Французинките едвај до реми со Шведска

Франција си ја искомпликува задачата во битката за место во полуфиналето од ЕП 2018 за ракометарки, откако оваа селекција попладнево ремизираше против Шведска (21-21), Швеѓанките имаат за што да жалат бидејќи имаа многу повеќе од играта, речиси цел натпревар водеа, во последните десет минути влегоа со „плус три“ (16-19), но и тоа беше недоволно за да се стигне до цел плен. На крајот „сино-жолтите“ можеа да останат и без тој еден бод откако непотребно избрзаа со последниот напад, па Франција доби последна шанса за победа. Трагичарка беше поранешната „вардарка“, Сираба Дембеле Павловиќ, која промаши зицер од крило во последната секунда, не успевајќи да ја совлада извонредната Иден на голот на Шведска.

Унгарија си ги задржа шансите за полуфинале откако по голема битка го доби мечот со Германија со минимални 26-25. Германките уште долго ќе жалат за пропуштената шанса бидејќи на една минута пред крајот имаа водство од 24-25, но на крајот со наведнати глави го напуштија теренот. Хафра беше стрелец на победничкиот гол, удар со кој унгарскиот бек ја смести топката под гредата за огромна радост на својата национална селекција.

Се вчитува...