Дембеле одби 200 милиони евра

Мал е бројот на фудбалери од Европа што ги одбиваат пребогатите понуди од Саудиска Арабија, но еден од нив е Усман Дембеле. Францускиот репрезентативец имаше на маса 200 милиони евра за да му стане соиграч на Кристијано Роналдо во Ал Наср, но без премногу размислување ја отфрлил оваа можност.

Ова е проблем и за Барселона, бидејќи францускиот крилен офанзивец има само уште една година од актуелниот договор. Тој не ја крие желбата да остане и да потпише нов договор со Барса, но платата од 10 милиони евра годишно е сериозна пречка, поради што засега преговорите за продолжување на соработката се оставени во мирување.

Каталонците мора да обезбедат најмалку 50 милиони евра од продажба на фудбалери до крајот на овој преоден рок, па најреална опција беше токму Дембеле да си замине летово, наместо следната година да го стори тоа без никаква отштета. Ал Наср испрати понуда од 50 милиони, колку што изнесува клаузулата за заминување на Французинот, плус дополнителни 200 милиони за петгодишен договор за фудбалеро (40 милиони евра годишно), но Дембеле јасно ставил до знаење дека нема намера да се сели во Саудиска Арабија.

Се вчитува...