Демонстрација на моќта: Вардар покажа зошто е шампион на Македонија

Вардар направи огромен чекор кон нова титула во македонскиот шампионат откако актуелниот првак славеше со убедливи 35-27 на првото големо дерби против Еурофарм Пелистер. Битолчани допатуваа во Скопје во обид да стигнат до трет триумф во низа над „црвено-црните“, по оние два во подготвителниот период, но налетаа на далеку поквалитеетен и пофокусиран противник, кој потврди зошто со години наназад доминира на домашната ракометна сцена.

Мечот беше израмнет само до 3-3, кога Вардар влезе во серија, поведе со 6-3 и наметна темпо што гостите не можеа да го следат. Избраниците на Бабиќ само за момент се консолидираа и намалија на 8-7, но следеше нова фуриозна серија на „црвено-црните“ од 5-0 со што „пулените“ на Алушовски стигнаа до најубедливи „плус шест“ до тој момент на мечот. Ваквата позитива домашниот состав рутински ја одржуваше, на одмор заминувајќи со 17-12.

Сите надежи на битолчани за евентуален камбек во вториот дел потонаа уште во првите десетина минути, во кои Вардар стигна и до најубедливи осум гола предност (23-15). Отпорот на големиот ривал беше скршен, Борко Ристовски продолжи со одличните интервенции, овозможувајќи и лесни голови на спротивната страна. „Црвено-црните“ првото двоцифрено водство го имаа во 47. минута (27-17), задржувајќи ја убедливата позитива до самиот крај и конечните 35-27.

Гаџа и Дисингер со по седум гола беа најефикасни во таборот на „црвено-црните“, додека кај „пелистерци“ се истакна Стипе Мандалиниќ со девет гола.

Се вчитува...