ДЕН НА МАКЕДОНСКИТЕ ЛЕГЕНДИ: Пепи Манасков (ВИДЕО)

Потсетувајќи се на успесите на легендите на македонскиот спорт, ЕКИПА започнува „Ден на македонските легенди“, секоја среда на ЕКИПА.МК

Пепи Манасков роден на 19 август 1964 во Велес е поранешен македонски ракометар, а сегашен тренер, член на македонската ракометна репрезентација кој поради своите врвни квалитети и популарност е сметан за легенда на македонскиот ракомет со што е прогласен и за најдобар македонски ракометар на ХХ век.

Богатата играчка кариера ја започнува во РК „Борец“ на 16 годишна возраст и веднаш станува најмладиот првотимец во клубот кој во тие моменти бележи успеси во Југославија. По неполна еднаипол година мината во Борец продолжува во Пелситер каде продолжува и со одличните настапи кои му носат и место во репрезентацијата на Југославија со која освојува поголем број на трофеи, но за жал ја пропушта Олимпијадата во Сеул 1988 година поради повреда.

Турнејата со Пелистер во Франција во 1991 година му го носи и првиот интернационален ангажман во екипата на Кретеј каде веднаш се наметнува како еден од најдобрите играчи во првенството. Во првата сезона станува и прв стрелец на шампионатот. По две години во Кретеј, заминува во германското првенство и Хамелн каде останува до 1997 година и ја добива титуалта „бомбардерот од Македонија“. Манасков е вистински хит во Германија каде неговите неговите неодбранливи обиди се побрзи и од куршумите на Џејмс Бонд.

За сезоната 1997/98 се враќа во Македонија и Пелистер, а по една сезона со „зелено-белите“ и двојната круна тргнува кон нов интернационален предизвик – Пивоварна Лашко од Целје со која два пати настапува во полуфиналето од Лигата на Шампионите.

Во новиот милениум се враќа во Македонија каде ги облекува дресовите на Вардар и Пелситер, а бележи и уште една интернационална сезона, овој пат во Грција и Филипос од Вериа со која ја освојува лигашката титула и Купот.

Кариерата ја завршува на 40-годишна возраст со преполни витирни, а продолжува во тренерските води како предводник на Куманово, а потоа и Вардар Јуниор.

Манасков беше и вистински лидер на репрезентацијата на Македонија со вкупно 84 настапи и 264 постигнати голови.

Се вчитува...