Иднината на Лука Модриќ се уште е максимално неизвесна иако хрватскиот ас допатува во Мадрид и почна со тренинзи со соиграчите од Реал. Желбата на фудбалерот е јасна – трансфер во Интер каде „нероаѕурите“ му нудат договор на четири години за 10 милиони евра по сезона, плус уште двогодишен договор во Сунинг во Кина, клуб со исти газди како и италијанскиот гигант.
Денеска би требало многу работи да станат појасно, по најавите дека токму попладнево ќе се случи толку очекуваниот состанок меѓу Модриќ и Флорентино Перез. Претседателот на Реал е решен да го задржи хрватскиот генијалец, додека Модриќ од другата страна се надева дека Флорентино ќе го одржи даденото ветување од пред една година и дека ќе ги разгледа сериозно понудите што ќе пристигнат, ако тој е цврсто решен да си замине.
„Кралевите“ се подготвени да му дадат на Модриќ нов договор за плата од 11 милиони евра, Перез е оптимист дека токму тоа ќе пресуди за Хрватот да го промени својот став и да остане на „Сантијаго Бернабеу“. Колку ќе успее во тоа, останува да се види, но се очекува по состанокот многу работи да станат појасни околу иднината на Модриќ во Мадрид.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА