Ден за ждрепка: Вардар ги дознава ривалите во ЛШ

Ракометарите на Вардар денеска ќе ги дознаат противниците во групната фаза од Лигата на шампионите, на ждрепката што ќе стартува во 18 часот во Виена. Годинашното издание на Лигата на шампионите носи и промена на системот на натпреварување, бројот на учесници се намалува на 16, а екипите ќе бидат поделени во две групи.

„Вардарци“ како актуелен европски првак се наоѓаат меѓу носителите, заедно со ПСЖ, Барселона и Веспрем, што значи дека „црвено-црните“ ќе се најдат во група со само еден од овие три европски гиганти. Кил е тимот што сите ќе сакаат да го избегнат од вториот шешир, а незгодни ривали има и во третиот шешир, каде се наоѓаат тимовите на Пик Сегед, Нант, Брест Мешков и Мотор, кои добија вајлд-карти за учество во Лигата на шампионите.

Ждрепката е полудиригирана, во иста група нема да може да се најдат екипи од иста држава, па така „вардарци“ ако не налетаат на ПСЖ ќе се сретнат со Нант, ако не е Веспрем, тогаш ќе бидат во иста група со Пик Сегед и за ривал ќе имаат еден од бундеслигашите, Кил или Фленсбург.

Се вчитува...