Денеска е ден за супер-дерби: Две пресметки за мерак на фудбалските гурмани

Денешниот ден ќе донесе фантастична фудбалска понуда низ Европа, а најголемо внимание дефинитивно привлекува првото овосезонско „Ел Класико“, пресметката на „Сантијаго Бернабеу“ меѓу Реал Мадрид и Барселона (16.15 часот).

Двата тима влегуваат во дербито со идентичен скор од седум победи и едно реми во првите осум кола од Ла Лига, а „кралевите“ дефинитивно ќе сакат да се одмаздат за убедливиот пораз од 0-4 минатата сезона во Примера дивизион. Добра вест за Анчелоти е што речиси сите фудбалери се здрави, а Бензема е максимално подготвен да го предводи нападот заедно со Винииус. Барса игра добро во Ла Лига, но останува да се види како каталонскиот гигант ќе се рехабилитира по разочарувачкото реми од 3-3 со Интер, резултат по кој Барселона е на работ на елиминација од Лигата на Шампионите.

Денеска е ден за дерби и во Премиер-лигата, шампионот Манчестер Сити ќе му гостува на вицепрвакот Ливерпул. Овие два тима во последните години редовно водеа борба за титулата, но тоа сезонава нема да биде случај, по катастрофалниот старт што го имаше Ливерпул. Тимот на Јирген Клоп заостанува дури 13 бода зад Сити, 14 зад лидерот Арсенал, а германскиот стратег згора на тоа има сериозни проблеми со повредите откако од комбинација за настап отпаднаа и Дијаз, Александер Арнолд и Матип, а крајно неизвесен е и настапот на Конате.

На спротивната страна, Сити е предводен од извонредниот Ерлинг Халанд, кој ќе се обиде да ја продолжи својата фантастична голгетерска серија и на „Енфилд роуд“, откако не беше стартер против Копнехаген во ЛШ, токму за да биде максимално подготвен за пресметката со Ливерпул.

Се вчитува...