Денеска е „Денот Д“: Чешка пак да изгори во „скопскиот вулкан“, Македонија повторно да игра на СП

Македонската ракометна репрезентација вечерва (19 часот, СЦ „Борис Трајковски“) го игра клучниот меч за пласман на СП 2023, на домашен терен против селекцијата на Чешка. Првиот меч во Злин заврши без победник (24-24), но фактот дека Македонија доминираше во голем дел од оваа средба е јасен знак дека не само што можеме да се надигруваме со противникот, туку и да стигнеме до триумф што ќе значи пласман на уште едно големо натпреварување.

Исполнетата сала „Борис Трајковски“ ќе биде само мотив плус за Кире Лазаров и неговите избраници, со поддршката на публиката да стигнат до посакуваниот резултат. Чесите по лошо ја паметат оваа арена, последниот дуел го загубија со преубедливи 33-20 во квалификациите за ЕП 2018, претходно беа поразени со 34-27 во баражот за СП2017, кога Македонија предводена од Лино Червар на клупата ги надополни оние „минус шест“ од Злин и со „плус седум“ во Скопје стигна до мундијалски билет.

Токму затоа, скопскиот „вулкан“ е она од што Чесите најмногу стравуваат во пресрет на денешниот реванш. На спротивната страна, мотив плус за нашите ракометари е фактот дека денешниот меч е последен во репрезентативните кариери на Кире Лазаров и на Филип Миркуловски.

„Ова е мојот последен натпревар во репрезентацијата, ќе има доста емоции, но ние сме професионалци. Ќе се обидеме да завршиме со ‘хепи енд’, да победиме во недела и да се пласираме на Светското првенство“, вели Миркуловски.

За натпреварот тој очекува уште подобро издание на македонскиот национален тим…

„Мислам дека за овој втор натпревар ќе бидеме подобро подготвени, бидејќи немавме гледано натпревари со новиот селектор Сабате, па сега ќе знаеме што точно нè очекува. Одигрвме еден сосема добар натпревар во Чешка. Испуштивме 6-7 голови предност, тоа не смееше да ни се случи, но противникот покажа карактер. Знаеме дека се работи за квалитетна репрезентација, знаеме што нè очекува тука во недела и со помош на 7.000 навивачи да обезбедиме пласман на Светско првенство“, дополнува Миркуловски.

Се вчитува...