Денеска е нов ден, ден за ФИНАЛЕ

ЕКИПА во Келн,

Стеван Цаневски, Игор Паневски

Бурна беше ноќта за македонските фанови во Келн, каде низ кафулињата и рестораните еуфорично се прославуваше победата на „црвено-црните“ над Барселона и пласманот во големото финале од Лигата на шампионите.

По десетте дуели без триумф на каталонскиот гигант, „вардарци“ блеснаа кога беше најпотребно, уште еднаш пркосејќи и на традицијата и потврдувајќи го она што го покажуваат низ целата натпреварувачка сезона – дека се тим и со квалитет и со карактер, што не потклекнува пред никого, па дури и пред најтрофејниот европски клуб.

Сепак, „вардарци“ се свесни дека нема простор за еуфорија, бидејќи најголемиот предизвик претстои денеска – бидејќи денеска е ден за ФИНАЛЕ.

„Имаме 24 часа, нема време за славје. Мораме да одмориме, да одгледаме видео и да се подготвиме најдобро што знаеме против ПСЖ“ – изјави Алекс Душебајев на вчерашната прес-конференција.

ПСЖ е убедливо најскапиот и најплатениот тим во ракометна Европа, но тоа не значи премногу кога ќе се излезе на терен, бидејќи таму решаваат мотивацијата, срцето и ракометните детали – нешто што му оди во прилог на „црвено-црниот“ ракометен џин од Скопје.

Ф4 турнирите не признаваат фаворити, а Вардар со игра слична на онаа од вчера против Барселона може да стигне до скалпот на уште еден гигант – и да стане европски првак.

Се вчитува...