Денеска на СП: Белгија е голем фаворит, Англија на незгоден испит

По вчерашните големи изненадувања на дуелите што ги одиграа Германија и Бразил, денеска на програмата се нови три натпревари од мундијалот.

ШВЕДСКА – ЈУЖНА КОРЕЈА    (14 часот)

Шведска приреди огромно изненадување со елиминацијата на Италија во баражот, па сега скандинавската селекција се надева на уште еден чекор напред и пласман во нокаут фазата. Мексико веќе ги замрси сметките во оваа група, па на Швеѓаните им е јасно дека ќе мора да заиграт на највисоко ниво веќе на првиот меч со Јужна Кореја ако сакаат да си ги задржат шансите за едно од првите две места во групата. Селекторот Андерсон остана цврсто на својот став и не го повика Ибрахимовиќ назад во националниот тим, останувајќи со истите фудбалери кои играа во текот на квалификациите. Форсберг од Лајпциг е главен организатор на играта во формацијата 4-4-2, додека за двете места во нападот се борат Берг, Тоивонен и Гвидети.

Корејскиот состав е преполовен од повреди, поради дефанзивците на Ким Џин-Су, Ким Мин-Џае, играчите за врска Квон Чанг-Хон и Ку-Хун, како и искусниот напаѓач Ли Леун Хо. Интересно, само пет фудбалери од 23-те на Јужна Кореја на овој мундијал настапуваат во Европа, а најголема ѕвезда дефинитивно е Сон Хеун Мин.

БЕЛГИЈА – ПАНАМА  (17 часот)

Белгијците важат за фаворити од сенка на овој мундијал, но по бројните изненадувања во претходните два дена и на „црвените ѓаволи“ им е јасно дека максимално сериозно мора да влезат во дуелот со аутсајдерот Панама. Еден Азар е подготвен за настап и ја предводи својата селекција, како поддршка за Ромелу Лукаку кој ќе биде најистурен во формацијата на селекторот Роберто Мартинез. Ако на нив им се додадат и Мертенс и Де Бруине, јасно е дека Панама ќе има пеколно тешка задача да ги запре извонредните офанзивни фудбалери на фаворитот.

Панама приреди сензација откако во квалификациите заврши пред САД и Хондурас, станува збор за селекција во која половина фудбалери настапуваат во американската МЛС-лига. Нема поголеми ѕвезди во составот, а оваа репрезентација ја краси одличен тимски дух.

„Неверојатно сме горди што воопшто дојдовме на ова големо натпреварување. Белгија е голем фаворит, тоа е репрезентација преполна со ѕвезди која игра одличен фудбал. Моите момци работеа напорно на тренинзите и ќе дадат се од себе на овој меч.Дали тоа ќе биде доволно за позитивен резултат, не зависи премногу од нас“ – изјави Колумбиецот Гомез, кој ја предводеше Панама до овој историски пласман на СП.

АНГЛИЈА – ТУНИС

Англичаните вообичано со голем оптимизам патуваат на мундијалите, за потоа да им се случи големо разочарување. Гледано од играчки план „гордиот албион“ подолго време немал така слаб ростер како годинава, но селекторот Саутгејт е оптимист дека тоа ќе биде искористено за создавање на силен колектив. За голови се задолжени Хари Кејн и Рахим Стерлинг, а шанса од клупата ќе чека Маркус Рашфорд, заедно со Џејми Варди.  Мора да се земе во предвид и фактот дека Англичаните вообичаено слабо стартуваат на големите натпреварувања, па од последните 23 отворања на ЕП или на СП, „гордиот албион“ забележал само пет победи.

Тунис важи за селекција што игра цврсто во одбраната, но има проблеми во останатите делови од екипата. Во квалификациите ја минаа најлесната африканска група, против Конго, Либија и Гвинеја, но во подготовките за овој мундијал ремизираа со Португалија и Турција, губејќи минимално од Шпанија.

„Немаме што да загубиме. Се наоѓаме во многу тешка група, стартуваме против Англија, селекција со врвни фудбалери и можеби најдобриот напаѓач во светот. Ќе треба добро да внимаваме на Кејн бидејќи ако го заборавиме само за миг, тој веднаш ќе ни постигне погодок“ – изјави селектор Набил Малул.

Се вчитува...