Денеска на СП: Меси стапува на сцена во Русија

Денешната мундијалска програма носи четири интересни пресметки, во кои на дело ќе видиме и два фаворити за титулата, Франнција и Аргентина.

ФРАНЦИЈА – АВСТРАЛИЈА   12часот

Дидие Дешамп значително го промени составот во однос на последното ЕВРО 2016, па ова е идеаална можност за младите асови како Мбапе, Дембеле, Фекир и останатите да го покажат сиот свој потенцијал. Францускиот селектор најави максимално офанзивна формација со Дембеле, Гризман и Мбапе од првата минута, помогнати од Погба и од Толисо.

Притисокот не е мал ако се знае дека „триколорите“ имаат сериозни проблеми во групната фаза, па така од последните 12 средби во овој дел од мундијалите имаат само три победи, и тоа над Того, Хондурас и Швајцарија.

Австралија во подготовките за ова СП ги совлада Чешка и Унгарија. „Кенгурите“ се една од селекциите што направи селекторска рокада пред мундијалот, па кормилар на оваа селекција е Берт ван Марвијк, кој во квалификациите успешно ја водеше Саудиска Арабија.

АРГЕНТИНА – ИСЛАНД      15часот

Хет-трикот што синоќа го постигна Кристијано Роналдо сигурно ќе биде мотив повеќе и за Лионел Меси, за и тој да блесне во сиот свој сјај од самиот старт на мундијалот. Исланд ќе биде првиот противник на Аргентина, селекција која дебитира на мундијалите, откако пред две години имаше извонредно деби и на европските шампионати, обезбедувајќи пласман во нокаут фазата.

Исланд дојде до руска виза со само 16 постигнати погодоци, најмалку од сите учесници на мундијалот. Јасно е дека цврстата одбрана и овојпат ќе биде главен адут на малата држава, но овојпат предизвикот не може да биде поголем, да се запрат Меси, Агуеро и Ди Марија, со тоа што во второто полувреме на теренот за Аргентина би можеле да ги видиме и Игуаин и Дибала.

ДАНСКА – ПЕРУ     18 часот

Перу по подолго време е дел од еден мундијал, па неслучајно фановите од оваа земја извршија офанзива на Русија, а денеска на трибините на „Мордовија арена“ се очекува присуство на дури 15.000 јужноамерикански фанови, наспроти само 600 Данци.

И двата тима се наоѓаат во одлични серии, немаат порази на последните 15 натпревари што ги одиграле, па интересно ќе биде да се види чија серија ќе биде прекината, или пак и овој меч ќе заврши без победник.

Голем „плус“ за Перу е фактот дека најдобриот стрелец Пауло Гереро доби зелено светло за настап и покрај позитивниот допинг-тест минатата година. Кај Данска, се зависи од играта на одличниот Кристијан Ериксен.

ХРВАТСКА – НИГЕРИЈА   21часот

Многу значаен дуел за двете селекции, свесни дека се во група со Аргентина и пораз вечерва може да значи и нивно предвремено пакување. Хрватскиот селектор Далиќ не стравува, па најавува офанзивна формација со Ребиќ, Крамариќ, Перишиќ и Марио Манџукиќ во стартниот тим.

Нигерија има подмладен состав кој делуваше извонредно во текот на квалификациите, но во меѓувреме африканската селекција влезе во резултатска криза, на последните пет контролни средби забележа една победа, едно реми и три порази. Згора на тоа, Нигеријците непосредно пред стартот на мундијалот останаа без важен играч, Мозес Симон, кој пораи повреда отпадна од комбинација за ова СП.

Се вчитува...