Денеска на СП: Салах стои на патот на Русија до осминафинале

Денеска се заокружува првото мундијалско коло, а со дуелот меѓу Русија и Египет почнуваат и натпреварите од втората рунда на СП 2018.

КОЛУМБИЈА – ЈАПОНИЈА   (14 часот)

Овие две селекции се сретнаа и на последниот мундијал во Бразил, кога Колумбија стигна до убедлива победа од 4-1 во извонреден офанзивен меч.

„Добро се сеќавам на тој дуел, луд натпревар со бројни шанси на двете страни. Резултатот не беше реален за случувањата на теренот, ние подобро ги искористивме шансите во второто полувреме“  – се присетува Хамес Родригез, кој и сега ќе биде главен адут на Колумбија заедно со Радамел Фалкао.

Јапонците го променија тренерот на еден месец пред СП врачувајќи му отказ на Халилхоџиќ. „Самураите“ имаат проблем со ефикасноста, на четирите контролни средби постигнаа само два гола, а згора на тоа неизвесен е настапот на Оказаки од Лестер, кој се жали на повреда.

ПОЛСКА – СЕНЕГАЛ   (17 часот)

Роберт Левандовски постигна 16 погодоци во квалификациите за овој мундијал, па асот на Баерн Минхен ќе биде главен адут на Полска и за време на натпреварите во Русија. Сепак, Левандовски не беше во посакуваната форма во финишот од сезоната, тоа беше случај и во подготвителните натпревари, па Полска не постигна ниту еден гол на контролите со Германија, Уругвај и со Нигерија.

Сенегал го има Садио Мане во нападот, а одбраната е предводена од Кулибали од Наполи, дефанзивец што се наоѓа на листата со желби на неколку европски гиганти. Воглавно играта ја базира на цврста одбрана и поконтри и контра-напади, па Сенегалците на петте контролни средби примија само три гола, тренд што ќе се обидат да го задржат и за време на мундијалот.

РУСИЈА – ЕГИПЕТ   (20 часот)

Првиот натпревар од второто коло носи и интересна пресметка меѓу Русија и Египет. „Фараоните“ во првото коло несреќно загубија од Уругвај, но вечерва ќе бидат посилни со враќањето на нивниот главен играч Мохамед Салах. Токму асот на Ливерпул стои на патот до осминафиналето на Русија, откако „зборнаја“ во првото коло ја декласираше Саудиска Арабија со 5-0, па дури и со реми вечерва ќе биде многу близу до нокаут фазата. Џагоев нема да биде во тимот за вечерашниот натпревар, но Черишев со двата гола на отворањето покажа дека е достојна замена за асот на ЦСКА Москва.

Се вчитува...