Дени Масев: Менталната сила кај секој од репрезентативците е еден од клучните моменти за успесите на оваа генерација фудбалери!

Македонскиот репрезентативен фудбал ја има најуспешната своја година во историјата. Учеството на Европското првенство и местото во бараж за пласман на СП 2022 се дефинитивно моменти кои ја одбележаа годината на спортски план во Македонија.

„Дефинитивно најуспешна година. Почна со победата над Германија во месец март, па преку учеството на ЕВРО 2020 и сега со изборениот бараж за пласман на Мундијалот во Катар што е најголем наш успех низ еден регуларен квалификациски циклус“ – го почнува освртот на фудбалската година зад нас, директорот на македонската репрезентација Дени Масев.

Масев е четири години на челната позиција во спортските структури на националниот тим, годините низ кои репрезентативниот фудбал ги доживува најголемите успеси. Силно веруваше во овој национален тим предводен од Боби Милевски и по септемвриските ремија по кои многумина ги минимизираа шансите за бараж. Но, Масев, во името и на ФФМ, цврсто застана зад Милевски и репрезентативците нагласувајќи дека Македонија го игра најдобриот фудбал во својата историја кој секако ќе донесе резултати.

„Се сеќавам дека и тогаш нагласив дека ќе одлучува последниот натпревар со Исланд. Така и беше. После оние три ремија со Ерменија, Исланд и Романија во септември потенцирав дека Македонија никогаш не играла така доминантен фудбал како на тие три натпревари, со висок пресинг, посед на топка, доминација над противник. Со само два дена тренинг под водство на новиот селектор Милевски, Македонија така експресно го промени начинот и стилот на игра. А, што е клучно според мене се промени и менталниот склоп кај репрезентативците кои сега знаат и чувствуваат дека тие треба да бидат носители на игра на терен, а не да се чекаат грешки на противникот. Во ФФМ воопшто не се сомневавме дека таквиот пристап и поставеност на игра ќе донесе резултати, поради што Милевски и репрезентативците добија безрезервна поддршка. На крај сите сме горди на обезбедениот бараж, и местото меѓу 20 најдобри европски селекции“.

Што е тоа што ја издвојува оваа генерација репрезентативци од сите оние претходните?

„Менталната сила кај секој од репрезентативците е еден од клучните моменти за успесите на оваа генерација фудбалери. Сега е вграден силен победнички менталитет како група, како дополнение и на тоа што и секој од нив индивидуално е ментално силен на терен. Ова се фудбалери кои кога излегуваат на терен знаат дека може да победат секого. Го носат во себе тој победнички менталитет кој е клучен. Не потценуваат ниту една репрезентација, но не сакаат да преценат и никого. Така беше и со Германија, така верувам ќе биде против секој противник во иднина“.

ЗОШТО И ДА НЕ СЕ ПОБЕДИ ИТАЛИЈА!?

Италија во баражот за СП 2022 е огромен предизвик за оваа генерација. Фокусот потоа ќе биде секако и пласман на ЕП 2024.

„Добро е познато дека уште претходно ние нагласивме дека новиот проект на новата репрезентација под водство на Милевски е пласман на ЕП 2024. Целокупниот фокус е изградба на селекција која ќе игра на ЕП 2024. Но, тоа апсолутно не значи дека се откажуваме од желбата за пласман на СП 2022, и покрај тоа што се соочуваме со европскиот шампион Италија. Напротив. Верувам дека овој национален тим максимално ќе се надигрува и со Италијанците до последен момент во желбата за победа. Факт е дека Италија е голем фаворит, но зошто и да не дојдеме до историска победа. Македонија нема што да загуби од тој натпревар, но единствено може уште еднаш да го потврди нашиот квалитет“.

Во групата од Ц-Лигата на нации, македонската селекција е заедно со Бугарија, Грузија и Гибралтар….

„Според мене ние сме фаворити во оваа група. Да, јас силно верувам во националниот тим и ете зошто да не ја преземеме фаворитската улога иако Бугарија е пред нас според рејтингот? Тоа не значи дека ќе бидат лесни натпревари, но секако многу нешта ќе зависат само од нас и нашите изданија. Во секој случај, секако целта ќе биде освојување на првото место во групата. Преку баражот за СП 2022 и настапите во Лигата на нациите сигурно желбата е да продолжиме со репрезентативните успеси и во новата година која ни доаѓа!“

Се вчитува...