Минесота израмни на 1-1 во серијата против Денвер нагетс откако „степските волци“ славеа на гостински терен со 114-119. Триумфот е уште позначаен ако се знае дека Денвер почна фуриозно и имаше „плус 19“ на почетокот од втората четвртина, но гостинскиот тим успеа да се врати до крајот на полувремето, а потоа во клучните моменти и да го сврти резултатот во своја полза.
Трагичари на Денвер беа Никола Јокиќ и Џамал Мареј, лидерите на нагетси целосно потфрлија во последната четвртина во која имаа вкупно две реализации и десетина промашени шутеви, што на крајот се покажа пресудно. Денвер бркаше минус три на 114-117 кога Мареј неочекувано реши да шутира за два на помалку од десет секунди до крајот, згора на тоа и промаши, по што Минесота од контранапад стигна до победата.
Едвардс беше прв стрелец на победничкиот тим со 30 поени, исто толку кај Денвер реализираше Мареј, додека Јокиќ го заврши дуелот со 24 поени, 15 скокови и 8 асистенции.
До гостински триумф стигна и Атланта, која славеше со минимални 106-107 во Њујорк, израмнувајќи ја оваа плејоф-серија од Источната конференција. Атланта се врати од „минус 12“ во последната четвртина, а херој беше Меколум со 32 постигнати поени.
Кливленд има водство од 2-0 во серијата со Торонто репторс откако забележа победа и на вториот домашен натпреваар, овојпат изразена со 115-105. Мичел постигна 30, а Харден 28 поени за победничкиот тим, додека најефикасен кај Торонто беше Барнс со 26 постигнати поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
