Дерби во Кратово: Силекс против Пелистер за продолжување на победничката низа!

По извонредниот старт на сезоната, екипата на Силекс денеска и против Пелистер во Кратово од 16:30 часот во 3. коло од Првата македонска фудбалска лига посакува продолжување на максималниот победнички ефект.

Четата на Жикица Тасевски со две победи, против Скопје на домашен терен и против Ренова во Тетово, ја почна сезоната поради што огромна е желбата да се продолжи во ист ритам. Иако, јасно им е и на кратовци дека денеска ќе го имаат најтешкиот противник досега.

„Пелистер ќе биде, ми се чини, далеку потежок ривал во однос на претходните два. Но, во нашиот состав владее одлична атмосфера која ќе сакаме со нов позитивен резултат да ја преточиме и на терен. Одигравме одлично против силна екипа како Ренова на гостински терен, и тоа ни дава дополнителен поттик на трите бода да атакуваме и денеска“ – вели дефанзивецот на кратовци, Игор Филиповиќ.

Пелистер, пак, во претходните две кола најпрво славеше против Победа во Прилеп, а минатата недела ремизираше (1-1) со Работнички во Битола.

ПМФЛ – 3. КОЛО (денеска, 16:30 ч.)

Прилеп: ПОБЕДА – ШКУПИ

Кратово: СИЛЕКС – ПЕЛИСТЕР

Скопје: СКОПЈЕ – РЕНОВА

УТРЕ (16:30 ч.)

Тетово: ШКЕНДИЈА – АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ

РАБОТНИЧКИ – ВАРДАР (одложен)

Се вчитува...