Дербито во Аеродром: МЗТ понуди, Работнички прифати?

Големи се шансите одложеното кошаркарско дерби меѓу МЗТ Скопје и Работнички денеска наместо во „Градски парк“, да се одигра во СЦ „Јане Сандански“ во Аеродром.

Како што е познато, дуелот меѓу вечните ривали не се одигра поради проблеми со помошните семафори за напад, што Работнички не успеа да ги санира во текот на вчерашниот ден. Бидејќи не постоеја технички услови за одигрување на средбата истата беше одложена за 24 часа, а во најскоро време ќе биде познато местото на одигрување на вечното дерби.

ЕКИПА дознава дека реални се шансите истото наместо во „Градски парк“, да се игра во СЦ „Јане Сандански“ во Аеродром. Доцна синоќа дошло до сериозни разговори на оваа тема, при што МЗТ се понудил да биде домаќин, а Работнички го прифатил ова опција. Проблем е што во меѓувреме и „металците“ се соочуваат со предизвик да ја оспособат салата (трибините и теренот) која беше домаќин на спектакуларниот фајналфор турнир на СЕХА, навреме за да биде подготвена за еден кошаркарски меч.

Во меѓувреме челниците на Работнички најавуваат дека ќе се обидат да го санираат проблемот со семафорот. Најдоцна за еден до два часа ќе следи и официјална информација околу точната локација на одигрување на дербито, кое дефинитивно ќе се игра денеска.

Се вчитува...