Дервишевиќ: Ние сме дебитанти и немаме притисок… Михајловски: Работнички е во специфична ситуација

Купот на Македонија кој од претходната сезона го носи називот Благоја Георгиевски – Буштур во чест на легендата на македонската кошарка се враќа на сцена престојниот викенд, а четвртфиналето од 17 часот ќе биде одбележано со натпреварот помеѓу десеткратниот освојувач на трофејот, Работнички и дебитантот во престижното натпреварување, Феникс 2010.

Овие два тима веќе одиграа три натпревари оваа сезона од кои два му припадна на новлијата. На последниот од нив „виолетово-жолтите“ ги прегазија центарци со преубедлива победа од 102-51, но оттогаш Работнички го промени тренерот, доведе и неколку засилувања, но како што изјави тренерот Игор Михајловски не знаат дали ќе имаат време да ги пријават.

„Ние се наоѓаме во специфична ситуација. Клубот се реорганизира и се надевам на подобри денови во иднина. Работнички има многу млада и неискусна екипа, но перспективни играчи. Очекуваме пристигнување на американските засилувања во текот на денешниот ден. Краткиот временски период не знам дали ќе ни дозволи да ги регистрираме. Како и да е ние ќе имаме само еден заеднички тренинг. Што се однесува до мечот со Феникс, се надевам ќе го дадеме својот максимум, ќе пружиме достоен отпор и со помош на нашата навивачка група ќе ги браниме боите на клубот. Нека биде празник на кошарката и нека победи најдобриот“, изјави Михајловски

„Се наоѓаме во тежок и турбулентен период, но полека се консолидираме. Ги очекуваме новите засилувања и се надевам дека во продолжението од сезоната ќе бидеме достоен противник. Што се однесува до екипата на Феникс според мене тие се едно од најпријатените изненадувања оваа сезона, тим кој игра брза и добра кошарка. Без разлика на нашиот последен натпревар сметам дека ова ќе биде поразеличен натпревар во кој ќе дадеме се од себе па нека победи подобриот“, додава Марковски.

Феникс 2010 без притисок ќе дебитира во натпреварувањето, а тренерот Денис Дервишевиќ очекува добро издание од своите избраници против тимот што го демолираа пред петнаесетина дена.

„Ние сме дебитанти во купот и затоа немаме никаков притисок. Наша цел е да се прикажеме во најдобро светло бидејќи нашата екипа е млада и не чувстува никаков притисок. Што се однесува до мечот со Работнички ова ќе биде сосема поинаков натпревар од последниот што го игравме. Наше е да излеземе на терен, да дадеме максимум, па на крајот нека победи подобриот“, изјави Дервишевиќ.

„За прв пат учествуваме во Купот и за нас ова ќе биде голем предизвик, но оваа екипа има голем квалитет и максимално сме подготвени да дадеме се од себе и да се покажеме во најдобро светло“, додава Митревски.

Се вчитува...