Десет факти од квалификациите за СП 2018: Низа рекорди, четири меча без пораз, Пандев до „30-ка“…

Македонската сениорска репрезентација не мина согласно посакувањата и очекувањата на домашната фудбалска јавност низ штотуку завршениот квалификациски циклус за пласман на СП 2018 во Русија, ако се суди согласно петтото место на табелата во Групата Г, зад Шпанија, Италија, Албанија и Израел, а единствено пред Лихтенштајн.

Сепак, последните четири квалификациски средби успеаја на крај да го поправат почетниот негативен резултатски впечаток, веројатно навестувајќи можност за изградба на далеку поконкурентен тим за следните квалификации. Како и да е, квалификациите за СП 2018 ќе останат запаметени по неколку специфични факти од кои ви ги издвојуваме најважните десет:

  • За првпат во историјата нижеме четири едноподруго натпревари во квалификации без пораз (победи над Израел и Лихтенштајн и ремија со Италија и Албанија).
  • Квалификацискиот циклус за СП 2018 е само еден од три кој сме го завршиле без негативна гол-разлика, од вкупно 12 квалификациски циклуси по осамостојувањето на кои досега учествувала македонската селекција.
  • Александар Трајковски е првиот македонски репрезентативец кој постигнува голови на три едноподруго натпревари во низа (Трајковски стрелаше против Албанија, Италија и вчера против Лихтенштајн).
  • Актуелната 2017 година е најуспешната година во историјата на сениорскиот репрезентативен фудбал во која од осум одиграни натпревари имаме 4 победи, 3 ремија и само еден пораз од Шпанија (1-2) во Скопје, што е и најдобар резултатски скор воопшто на осум едноподруго дуели. Годината треба да ја завршиме со пријателскиот натпревар против Норвешка во ноември.

IMG_6438

  • Горан Пандев е прв капитен кој ги одиграл сите десет квалификациски дуели од еден циклус, како и сите воопшто репрезентативни натпревари во две едноподруго години.
  • Првпат на еден квалификациски натпревар за СП имаме двајца фудбалери со деби погодок во националниот дрес (Барди и Муслиу против Лихтенштајн).
  • Македонија во овој квалификациски циклус за првпат победува подоброрангирана репрезентација од себе на гостински терен (Израел во Хаифа).
  • Горан Пандев во квалификациите за СП 2018 го постигна својот 30-ти погодок во националниот дрес (на мечот против Израел) – убедливо најдобар стрелец во историјата на македонскиот репрезентативен фудбал.
  • За првпат во историјата Македонија постигнува барем по еден гол на шест едноподруго квалификациски натпревари. Првпат во еден циклус имаме на девет од десет натпревари барем по еден постигнат гол (единствено не постигнавме погодок на гостувањето против Шпанија – 0:4).
  • Првпат во историјата Македонија игра еден квалификациски натпревар надвор од Скопје. На стадионот „Младост“ во Струмица одигравме два натпревари, против Албанија (1-1) и Лихтенштајн (4-0) со скор од победа и реми.

Се вчитува...