Десет години од најболниот пораз на ракометна Македонија

Ракометна репрезентација на Македонија на денешен ден пред точно десет години го претрпе најболниот пораз во својата историја, губејќи со звукот на сирената од Данска во главната фаза од ЕП 2012.

Белградска арена беше исполнета со македонски фанови, на теренот избраниците на Шундовски одлично му парираа на големиот фаворит, а Македонија влезе во последната минута со израмнети 32-32 и напад за победа.

Се останато е добро познато – Ландин го одбрани ударот на Кире Лазаров, топката им се одби во рацете на Данците и експресно стигна до Линдберг, кој со самиот звук на сирената ги скрши македонските срца во српската метропола.

За Данска овој триумф значеше враќање на шансите за пласман во следната рунда, Данците на крајот дури и се закитија со златото. Македонија пак со загубениот бод од ремито (доколку мечот завршеше нерешено) ќе се пласираше во полуфиналето, па по овој пораз стигна само до петтото место на ЕП, што останува наш најдобар пласман на големите натпреварувања.

Сепак, останува вечната дилема „што би било кога би било“, Линдберг да беше непрецизен или пак ударот на Лазаров да завршеше во данската мрежа. Вака, десет години подоцна, останува само тагата по тој болен пораз и носталгијата по времињата кога игравме егал со сите европски ракометни велесили.

Се вчитува...