Десет клуба платија, нема да има казни од МКФ

Кошаркарскиот шампионат на Македонија ќе продолжи според предвиденото откако десетте клубови кои имаа обврска до вчера да ги подмират обврските кон МКФ ги уплатиле сумите за котизација (втора рата), казни и регистрација на странски кошаркари.

Согласно договорот од пред неколку месеци, 19 април беше последниот рок за подмирување на овие долгови кон куќата на кошарката. Обврските кон МКФ ги исполнија Работнички, МЗТ Скопје, Блокотехна, Куманово, Гостивар, Охрид, Шкупи, Кожув, Струмица и Пелистер, додека Карпош соколи и Фени индустри со одлука на УО на федерацијата добиле дополнителен рок за тоа да го сторат до месец август, со оглед на специфичната финансиска состојба во двата клуба.

По ваквиот развој на настаните, извршено е и комплетно делегирање на шестото коло од Супер-лигата, во кое в сабота Блокотехна ќе го пречека Гостивар, а Работнички ќе биде домаќин на Охрид, додека в недела во 19 часот ќе се игра дербито меѓу Куманово и МЗТ Скопје, со директен пренос на МТВ.

Во плејаут-лигата во текот на утрешниот ден ќе се играат трите закажани средби од шестото коло: Кожув – Карпош соколи, Фени индустри – Струмица и Шкупи – Пелистер.

Се вчитува...