Бадел 1862 го претрпе и петиот пораз во женската конкуренција на АБА лигата откако на гостувањето во Словенија против Целје загуби со убедливи 98-59. Баделки кои на овој натпревар настапија десеткувани поради повредите на Лазареска и Димова успеаја да му парираат на фаворизираниот противник само во воведните пет минути по што домашниот тим го зема моментумот во свои раце.
Словенскиот тим веќе по првата четвртина имаше предност од 29-18, а истата на полувремето се искачи и на +18 (54-36). Скопскиот тим последниот обид за враќање во мечот го имаше на почетокот на второто полувреме кога негативата ја сведе на -13 (54-41), но Целје ги консолидираше своите редови и ја зголеми предноста на +24 (72-48) по 30. минути игра со што беа решени дилемите за освојувачот на двата бода. Последната четвртина беше само формалност во која Словенките дополнително ја зголемија предноста.
Ивана Кметковска беше најрасположена на средбата со 21 поен и 10 скока на кои за жал додаде и неславен трипл-дабл од 11 изгубени топки, а неа ја следеше Стојановска со 17 поени и 3 асистенции. Како двоцифрена мечот го заврши и Трајчевска која запиша дабл-дабл од 13 поени и 11 скока.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА