„Децата“ на Пелистер издржаа само едно полувреме – Вардар со многу мака ја освои Битола

Вардар останува во трката за титулата во македонското првенство откако „црвено-црните“ славеа на денешното гостување против Еурофарм Пелистер 2 (19-22). Станува збор за меч што „црвено-црните“ го загубија во првиот круг од оваа сезона, денеска повторно се мачеа во првото полувреме, за во завршните дваесетина минути конечно да го скршат отпорот на младиот битолски состав.

Избраниците на тренерот Јовиќ тргнаа максимално мотивирано, со цврста одбрана исфрлајќи го од ритам актуелниот шампион. Вардар првото водство го имаше во вториот дел од првото полувреме, поведувајќи со 5-6, за на одмор да се замине со минимални 9-10 за „црвено-црните“. Почетокот на второто полувреме донесе нови возбудувања, голманот Трајковски блескаше на голот на Еурофарм Пелистер 2, па битолскиот состав играше „егал“ десетина минути (Вардар не постигна гол во првите пет минути од вториот дел). Сепак, на крајот пресудно се покажа искуството и квалитетот на актуелниот првак, кој успеа резултатски да се одлепи и да стигне до триумф над незгодниот ривал.

Гоце Георгиевски беше прв стрелец на Вардар со седум погодоци, пред Куни Моралес со четири постигнати гола, додека одличен на голот беше репрезентативецот Мартин Томовски. Во таборот на младите „пелистерци“ најефикасни на дуелот со шампионот беа Белистојановски со шест и Ѓорговски со пет погодоци.

Се вчитува...