Гостинка во најновата епизода на спортскиот подкаст „ПРЕСИНГ“ беше претседателката на Федерацијата на училишен спорт во Македонија, Елена Мицковска, личност која во 2026 година остава силна трага како носечка фигура во организација на Светското училишно првенство во Македонија и првите Плазма Спортски игри во Македонија.
Меѓу бројните теми на разговор со првата жена која е претседател на Федерацијата на училишен спорт во Македонија, некако и околу секогаш најболната тема за нашиот спорт, а тоа е колку Македонија има систем за поддршка за талентираните млади спортсисти.
Колку образованието во Македонија е адаптирано за да даде поддршка на талентираните спортисти…!?
„Јас сум мајка на една тинејџерка којашто, нели, паралелно тренира спорт, тренира конкретно кошарка, некако оди по моите стапки, но и паралелно учи во средно образование. Одат многу тешко овие две работи. Верувајте, недостасува можеби некој одреден концепт кој ќе им помогне на учениците… Затоа што оние на четиринасет – петнаесет години не се професионални спортисти. Можеме да кажеме дека тие имаат капацитет и предиспозиција, меѓутоа се далеку од спортисти. Значи, треба да работат. 20% денеска е талентот, а 80% е работата. И сега, ако ние не им обезбедиме на тие деца услови паралелно да го следат образованието, не можеме да очекуваме дека ќе бидат успешни спортисти“ – вели Мицковска и дополнува:
„Ние како родители сме во грч. Не можеме да им дозволиме да го одберат спортот како приоритет број еден, а да го занемарат образованието. Мора да постои систем и поддршка на тие деца коишто се талентирани, коишто имаат предиспозиции, коишто сакаат да работат. Не е дека децата ни се мрзеливи. Факт е дека можеби генерално не се толку активни како што сме биле нашите генерации, но ниту од далеку децата не ни се мрзеливи“.
ГЛЕДАЈТЕ ГО ЦЕЛИОТ ПОДКАСТ „ПРЕСИНГ“ СО ЕЛЕНА МИЦКОВСКА ТУКА…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
