„Деветка“ на Томовски, четири гола на Кузмановски против Кил

Македонските репрезентативци Мартин Томовски и Филип Кузмановски имаа солидни партии за своите тимови, кои сепак не успеаја да приредат изненадувања во пресметките со фаворитите, Рајн-Некар Левен и Кил.

Томовски беше стартен голман на Лудвигсхафен против Рајн-Некар Левен (24-26), меч на кој македонскиот чувар на мрежата имаше девет успешни интервенции. Отпорот на домаќините беше скршен во последните дваесетина минути, кога „лавовите“ влегоа во мини-серија по неколкуте грешки во нападот на Лудвигсхафен, со лесни голови торпедирајќи го голот на Томовски. Македонецот беше повлечен од игра на десетина минути до крајот, на негово место влезе Шкоф, кој до крајот имаше само една успешна интервенција.

Хановер и покрај одличното прво полувреме (17-18) не успеа да го земе скалпот на шампионот Кил. „Зебрите“ и без повредениот Сагосен собраа сили за пресврт и на крајот триумфираа со резултат 34-31. Филип Кузмановски одигра квалитетен меч за гостинскиот состав, постигнувајќи четири гола од седум обиди, бележејќи и четири асистенции за гол на соиграчите.

Се вчитува...