„Дежа-ву“ ситуација за Столе Димитриевски: И трансферот во Валенсија повторно е условен!

Македонскиот репрезентативен голман Столе Димитриевски повторно се наоѓа во една „дежа-ву“ ситуација. Нешто слично како и пред две години кога беше пред трансфер во Барселона, и сега Димитриевски е во една непријатна ситуација со оглед на тоа дека веќе има начелен договор за трансфер во Валенсија, но се уште не може да се официјализира.

Како што пренесуваат шпанските медиуми, Валенсија најпрво треба да го продаде сегашниот голман Мамардашвили, па потоа да го доведе Димитриевски. Токму поради тоа македонскиот голман, како што пишуваат Шпанците, го губи трпението бидејќи сегашниот договор со Рајо му завршува на 30. јуни, а информациите се дека прифатил да почека до денот на истекот на договорот.

Ако Валенсија до 30. јуни не успее да го продаде Грузиецот, тогаш Димитриевски се очекува да го продолжи договорот со Рајо Ваљекано, откако претходно, пак, одби понуди од Бетис и Севилја.

Добро е познато дека пред две години Димитриевски чекаше и Барселона да го продаде голманот Нето за да може Македонецот да реализира трансфер во каталонскиот тим. Но, на крај Барселона не го продаде Нето а трансферот на Столе пропадна.

„Искрено, се беше готово, бев пред договор и се чекаше само да замине вториот голман на Барселона, Нето. Од некоја причина тој не го напушти клубот, па поради тоа не се финализира трансферот. Од моја страна се беше завршено и договорено. Сакам да напредувам во кариерата, никогаш не ги гледав парите, туку напредокот. Сакам да одам напред, во подобар клуб и да бранам во Лигата на шампионите или Лига Европа“ – изјави тогаш Димитриевски.

Се вчитува...