Марко Џампаоло е слободен да седне на клупата на Милан откако 51-годишниот стратег денеска и официјално ја прекина соработката со Сампдорија. Тој во последните три сезони ја водеше Сампдорија, имаше уште една година од договорот, но во разговор со претседателот Масимо Фереро успеа да издејствува да биде „ослободен“ за да може да се пресели на клупата на „росонерите“.
„Голема благодарност до претседателот Фереро и до сите во клубот за трите прекрасни сезони. Бев среќен во Џенова, задоволен од животот во овој град, работата во Сампдорија засекогаш ќе ми остане во срцето“ – изјави Џампаоло.
Новото раководство на Милан предводено од Малдини и од Бобан веќе му подготви двогодишен договор, со можност за продолжување за уште една сезона, при што од Џампаоло ќе се бара да обезбеди место на табелата кое значи учество во Лигата на шампионите.
На негово место на клупата на Сампдорија ќе пристигне поранешниот тренер на Рома, Еузебио ди Франческо.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА