Џеко и Палмиери се „спакуваа“ за Лондон

Фудбалерите на Рома, Един Џеко и Емерсон Палмиери, денес треба да пристигнат во Лондон за да ги комплетираат преговорите пред официјализирање на трансферите во Челси. Актуелниот англиски шампион за двоецот од „волчицата“ ќе исплати вкупно 60 милиони евра (50 милиони веднаш и 10 милиони во бонуси), известуваат италијанските медиуми.

Иако враќањето во Англија не е по желба на босанскиот напаѓач, Џеко инсистираше да остане во Рим бидејќи ја смета средината за негов дом, раководството на италијанскиот гигант смета дека ова е единствена шанса да заработат толку голема сума од неговите квалитети знаејќи дека полека влегува во ветеранските години.

Конте веќе извесно време очајува за искусен голгетер кој е опасен и со глава, па имиња како Енди Керол, Питер Крауч, Кристијан Бентеке се споменуваа како можни опции. Џеко е далеку поквалитетен од нив, го докажа тоа првиот пат кога играше во Премиер – лигата носејќи го дресот на Манчестер сити. Од Италија произлегуваат информации дека Џеко може и да одбие да го стави својот потпис на соработка со „сините“, а доколку тоа се случи нема да влијае врз трансферот на Палмиери.

Палмиери пак претставува поевтина алтернатива од Алекс Сандро, а Конте конечно ќе добие поддршка за Маркос Алонсо на левата бековска позиција. Сепак, прашање е колкав ќе биде неговиот придонес, со оглед на тоа дека долго време се опоравуваше од повреда, а по неговото опоравување забележа само три настапи на клубот од „Олимпико“, што значи дека ќе му е потребно време да се врати во полн погон.

Се вчитува...