Џемба Џемба ги откри последните зборови пред смртта на Марк Вивиен Фое

Ерик Џемба Џемба ќе остане запаметен како едно од најголемите трансфер-промашувања во ерата на Сер Алекс Фергусон во Манчестер јунајтед, но овој фудбалер сепак изгради сосема солидна репрезентативна кариера носејќи го дресот на Камерун.

Во интервју за британскиот таблоид „Сан“, Џемба Џемба се наврати и на најтрагичниот момент во кариерата, кога неговиот репрезентативен колега и добар пријател, Марк Вивиен Фое, почина на терен за време на полуфиналето од Купот на Конфедефациите меѓу Камерун и Колумбија во 2003 година.

„Јас всушност бев последниот со кого зборуваше. Ми пријде среде натпревар и ми кажа: Ерик, многу сум изморен. Му реков следниот пат кога топката ќе излезе од терен да оди кај тренерот и да побара замена. Не помина ниту минута, тој тргна во дуел со Марио Јепес, со кого имав играно во Нант, Марио веднаш гласно почна да вика и сите се стрчавме. Се приближивме и веднаш беше јасно дека Марк е мртов“ – се присетува Џемба-Џемба.

Ситуацијата е уште потрагична ако се земе во предвид мотивацискиот говор во автобусот, на патот кон стадионот, што Марк Вивиен Фое го држел пред своите репрезентативни колеги.

„До ден денеска се сеќавам на тој говор. Рече: Ако некој треба да умре денеска, ќе умреме. Не смееме да загубиме“ – открива Ерик Џемба-Џемба.

Се вчитува...