Џенова му нуди нов договор на Пандев

Раководството на Џенова е подготвено да му понуди на Горан Пандев нов едногодишен договор, овозможувајќи му на македонскиот капитен да ја продолжи кариерата за уште една сезона.

Пандев веќе најави дека сезонава ќе биде последна во неговата професионална кариера, но плановите се сменија откако поради коронавирусот беше одложено европското првенство, кое со новиот развој на настаните ќе се одржи следното лето. Нашиот голгетер не крие дека сон му е да ја предводи Македонија на едно големо натпреварување пред да му каже збогум на фудбалот, па по одлагањето на ЕВРО 2021 тој е подготвен да игра уште една година.

Во Џенова се презадоволни од неговите игри сезонава, впрочем Пандев е најдобар стрелец на овој тим, па без размислување му понудиле нов договор на Македонецот. За него е „резервирано“ и директорско место во клубот кога ќе реши да ја заврши играчката кариера, но се чини дека Пандев ќе одигра уште една сезона пред и официјално да ги „закачи копачките“.

Се вчитува...