Џиџи за начинот на кој го победи Вардар: Кога видов дека Битанг игра десен бек, знаев каде да „удриме“!

Малкумина во македонскиот фудбал очекуваа така лесна, убедлива победа на Ренова против Вардар во 20. коло од Првата македонска фудбалска лига. Во голема мера огромно изненадување за многумина, но не и за шефот на стручниот штаб на „гипсарите“, Никола Илиевски – Џиџи кој снимајќи го комплетно актуелниот состав на Вардар, како што вели, точно знаел како да стигне до посакуваните три бода.

„Според реjтингот можеби и звучи како изненадување, но можам да кажам дека апсолутно го заслуживме триумфот против Вардар. Можеше да биде и поубедливо доколку реализиравме уште неколку одлични шанси пред противничкиот гол. Драго ми е што формата на тимот оди во нагорна линија и кога ќе се ни се вратат уште неколку играчи кои се повредени, верувам дека ќе бидеме уште подобри“ – вели Никола Илиевски – Џиџи.

Илиевски тактички комплетно го надмудри својот помлад колега од Вардар, Александар Васоски, но заслугите сепак им ги припишува на фудбалерите.

„Вардар има одличен тим, го тврдам тоа, но очигледно е дека во моментов не се во најдобра форма. Не успеавме да го победиме Работнички во Скопје, но побарав од фудбалерите да влезат максимално мотивирани на дуелот со Вардар. Кога видов дека Битанг ќе игра на позицијата десен бек, која не му е природна, и дека младиот Димовски е во првиот тим, за што му честитам на Васоски, малку ја променивме тактиката. Удривме на слабите точки на Вардар и ги разбивме. Можеби и рано дадените голови го деморализираа противникот кој потоа немаше одговор“, истакнува тренерот на Ренова.

Задоволството од убедливата победа против најтрофејниот македонски клуб не го крие и најдобриот стрелец на Ренова, Влатко Стојановски.

„Силата на Ренова е во колективот. Мислам дека целиот тим одигра одлично, пред се тактички, со мудра поставеност од нашиот шеф Никола Илиевски. Ги искористивме нашите шанси, брзо постигнавме голови и потоа беше полесно. Резултатот е убедлив, ама според играта и сосема е заслужен триумфот на Ренова“ – вели Влатко Стојановски.

Со погодокот против Вардар, Влатко Стојановски го презеде и врвот на листата на стрелците. Има 12 постигнати гола, еден повеќе од Бесарт Ибраими, кој е повреден и не настапува за Шкендија на стартот на пролетта.

„За секој напаѓач е важно да постигнува голови. И за тоа е повторно многу важен колективот, затоа што фудбалот не е индивидуална игра. Ќе се трудам на секој натпревар да го дадам максимумот, пред се Ренова да бележи добри резултати, а головите се моја работна задача“, истакнува голгетерот на Ренова.

Се вчитува...