Џикиќ е блиску до камбек на местото на големиот успех

Поранешниот селектор на македонската репрезентација, Александар Џикиќ е сериозен кандидат за тренер на Будуќност во обид црногорскиот гигант да се врати на тронот на АБА-лигата. Будуќност успеа да ги задржи Кобс, Илиќ, Ивановиќ, во тимот остануваат и Николиќ, Поповиќ и Шеховиќ, а се најавуваат уште неколку врвни засилувања.

Меѓу челниците на клубот постои сомнеж дали со актуелниот тренер Петар Мијовиќ можат да се остварат зацртаните цели, па токму затоа како еден од кандидатите се споменува Џикиќ. Српскиот стручњак знае што е потребно за да се успее во Будуќност, во сезоната 2017/18 го одведе овој тим до титулата во АБА, што му е главна препорака во преговорите за враќање назад во Подгорица.  Тој е без ангажман по неуспешната сезона на чело на шпанскиот прволигаш Естудијантес, а враќање во амбициозен клуб како Будуќност сигурно е интересна опција за екс-селекторот на нашиот национален тим.

Негов противкандидат е Дејан Милојевиќ, стратегот што по долги години го напушти тимот на Мега. Сепак, црногорските медиуми потенцираат дека многу поверојатно е Милојевиќ кариерата да ја продолжи како помошен тренер во НБА-лигата, со што уште повеќе се зголемуваат шансите за враќање на Џикиќ во Будуќност.

Се вчитува...