Џикиќ: Тешко ми е – ја победивме ЦСКА, а јас треба да сум скромен

Будуќност е екипата што може да се пофали дека прва го земала скалпот на ЦСКА Москва во оваа евролигашка сезона, откако црногорскиот клуб во голема битка се врати од негатива од 17 поени разлика и славеше над рускиот гигант. Поранешниот македонски селектор Александар Џикиќ беше видно задоволен по извонредниот успех на својот тим, а најтешкиот дел од задачата на српскиот стратег беше – да се остане скромен.

„Беше добро, да не филозофирам многу. Тешко ми е – ја победивме ЦСКА Москва, еден од најдобрите три тима во Европа, а сега јас треба да сум скромен“ – во свој стил коментираше Џикиќ.

За одличниот кошаркарски стручњак ова сепак не е ниту омилена победа за оваа година, камоли во кариерата.

„Убаво е да се победи ЦСКА Москва, но за мене многу помила победа беше онаа над Црвена звезда во финалето од АБА-лигата. Така се чувствував, сега сум среќен, но тоа тогаш беше тотална еуфорија“ – открива Александар Џикиќ.

Се вчитува...