Џио Струмица со уште едно засилување

Џио Струмица продолжува со засилувањата за наредната натпреварувачка сезона откако потпиша договор со Лука Костиќ. Станува збор за еден од најдобрите млади одбојкари во нашата земја, кој беше дел од младинските национални состави, а се најде и на поширокиот список на играчи на сениорската репрезентација за ЕП 2019.

Овој 18-годишен одбојкар ланската сезона ја мина во црногорскиот прволигаш Будуќност, но летово реши да се врати во татковината и потпиша со Џио Струмица.

„Неговиот потпис за Џио Струмица ќе значи дополнително засилување на позицијата примач кај најуспешната македонска екипа во последната деценија, што е особено значајно пред сезоната во којашто клубот сака двојна круна на домашната, како и достоинствен настап на меѓународната сцена“, објавија од струмичкиот прволигаш.

Струмичани годинава решија да се вратат во европските натпреварувања, по што го добија кипарскиот тим Омонија од Никозија за противник во 1/16финалето на Челинџ купот на ЦЕВ. Евентуален успех во тој двомеч може да донесе соочување со турски Зират.

Претходно, Џио Струмица потпиша со репрезентативците Владо Милев, Васе Михаилов, Ристо Николов, Славе Наков и Филип Николовски.

Се вчитува...