Џошуа и Пулев очи в очи пред мечот за титулата

Ентони Џошуа и Кубрат Пулев го најавија својот меѓусебен дуел што ќе се одржи на 28 октомври пред полниот “Милениум“ стадион во Кардиф. Џошуа ќе ги брани титулите што се во негова сопственост против најдобро рангираниот предизвикувач, Бугаринот Кубрат Пулев кој досега има само еден пораз и тоа од Владимир Кличко.

Иако многумина сметаат дека ова ќе биде лесен испит и лесна заработувачка за Британецот, тој сепак, влегува внимателно во дуелот.

„Ова е тешка категорија, овде едноставно мора да го нокаутираш противникот за да ја потврдиш својата вредност. Впрочем, никој не доаѓа на боксерски мечеви со цел да гледа борба во 12 рунди, тоа е здодевно. Исто така ако го нокаутираш типот кој сите го фалат и за кој велат дека е опасен, тоа автоматски и дава дополнителна вредност на твојата победа. Пулев никако не е лесен противник. Од една страна имаме широка публика која тврди дека ова ми е лесна заработувачка и лесен меч, а од друга страна ги имаме Тајсон, Холифилд, Форман кои велат дека ова е извонредна борба за категоријата и многу опасен противник. Јас во вакви случаи секогаш ќе ги послушам оние кои ми беа пример во животот и кои оделе по истиот пат како јас“ – изјави Ентони Џошуа, но во стилот на големите промоции на боксерските спектакли, додаде:

Всушност, јас ќе дојдам таму да му ја земам душата“

Кубрат Пулев овој меч го прифати само два месеци пред одржувањето што му остава, за вообичаената боксерска практика, кус период за подготовки.

“Немам време колку што би сакал да имам за подготовки, но тоа е грешка на мојот тим кој не го договори порано мечот. Но, јас ќе го победам Ентони Џошуа. Не можам да ви објаснам како ќе се случи тоа, но знам дека ќе се случи. И, знам дека ќе го нокаутирам, верувам во тоа. Самата помисла на мечот е помалку застрашувачка, но физички сум полн со енергија и ментално сум подготвен. Верувам дека ќе решаваат финеси и ќе победи тој што технички ќе одработи подобар меч. Доколку за победата треба да се оди во војна, тогаш сум подготвен и за тоа“ – вели Пулев.

За мечот што ќе се одржи наредниот месец во Кардив веќе се продадени 80.000 влезници.

Се вчитува...