Дибала е „пишман аџија“: Сега бара двојно помалку пари за преселба во Премиер-лигата

Пауло Дибала прераснува во еден од лузерите на преодниот рок, откако Аргентинецот објави заминување од Јувентус со надеж дека ќе добие понуди за мегатрансфери, но како што стојат работите, тој ќе мора да потпише договор со клуб за помала плата во однос на она што го земаше од „старата дама“.

Неговиот агент во изминатите месеци преговараше со неколку англиски премиерлигаши (Манчестер Јунајтед, Арсенал, Тотенхем и Челси), кои набрзина се „оладија“ откако им беше соопштено дека Аргентинецот очекува 200.000 евра неделна плата за да се пресели во Премиер-лигата. Целта беше јасна, Дибала сакаше да остане во Калчо-лигата во Италија, водеше сериозни преговори со Интер, но се падна во вода откако „нероаѕурите“ се решија да го вратат Лукаку, затворајќи ја вратата за екс-капитенот на Јувентус.

Сега тој се наоѓа во небрано, па агентите повторно ги контактираат претходно заинтересираните клубови, и тоа за многу помалку пари. Како што информираат англиските медиуми, Дибала му бил понуден на Манчестер Јунајтед за плата од 100.000 фунти неделно. „Црвените ѓаволи“ се уште немаат донесено одлука бидејќи чекаат на разврската околу Кристијано Роналдо, па ќе испратат понуда до Дибала само доколку Португалецот си замине од „Олд Трафорд“.

Тотенхем во меѓувреме го донесе Ришарлисон, Арсенал се засили со Габриел Жезус, па аргентинскиот интернационалец нема преголем избор, а стартот на новите сезони во Топ 5 лигите е за околу еден месец.

Се вчитува...